Здравје

Алгоритам преку анализа на очите открива срцеви заболувања

20. март 2018 - 13:26 | М.Д.

Научници од Google и од истражувачката организација Verily Life Sciences, развиле нов систем способен да ја предвиди веројатноста за срцеви заболувања на пациентот врз основа на анализа на слика на очите кај пациентот.

Предвидувањата на алгоритамот, отприлика се исти како и досегашните методи, со тоа што новата методата е многу помалку инвазивна.

Дијагностицирањето и прогнозата на заболувањето по пат на очен преглед, нормално дека не е новост. Докторите често на тој начин воочуваат заболувања како дијабетес, висок крвен притисок, висок холестерол и некои видови на рак.

Алгоритамот анализира слики од дното на окото, во кое се гледаат крвните садови.

Фактори кои го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести, меѓу другите, се и возраста, крвниот притисок и полот.

Преку анализа на очното дно, алгоритамот успева да ја дознае возраста на пациентот со можност за грешка од три години, пушачки статус со прецизност од 71 отсто и речиси точен крвен притисок.

Кога научниците виделе дека алгоритамот толку добро ги предвидува тие карактеристики, тогаш, тие одлучиле да му постават задача да ја предвиди веројатноста од срцев и мозочен удар.

Научниците користеле база од 150 слики на очи, чии сопственици доживеале напад во наредните пет години од сликањето. Кога пред програмата ставиле една од тие слики во пар со слика на око од здрав човек, алгоритамот успевал да погоди кој ќе доживее кардиоваскуларно заболување со прецизност од 70 отсто.

Стандардната процедура која се користи, и за која е потребен примерок од крвта на пациентот, има прецизност од 72 отсто.

Научниците сфатиле дека алгоритамот посебно внимание и посветува на крвните садови кога го предвидува срцевото заболување.

На тој начин, истражувањата како ова им помагаат на научниците да научат повеќе за човековото тело и да извлечат нови информации од веќе постоечките податоци.

Кардиоваскуларните заболувања се најголеми фактори за смрт во светот, па помошта која можат да ни ја понудат интелигентните машини ни е повеќе од потребна во оваа борба.

Коментирај