Фудбал

Арсенал се наоѓа пред потпис на тројца нови играчи

19. јуни 2018 - 20:36 | К.З.

Во текот на месецот во кој главна тема во фудбалскиот свет е Светското првенство во Русија, Арсенал работи на подобрување на составот и потпишување на нови играчи. Според британските медиуми, лондонскиот тим до крајот на месец јуни би можел да комплетира три нови трансфери.

Веќе од поодамна се зборува за трансферот на Сократис Папастатопулос од Борусија Дортмунд, но германскиот тим сака да го официјализира трансферот во почетокот на новата фискална година, односно во месец јули. Стручниот штаб на Арсенал, пак, инсистира тоа да биде завршено пред крајот на овој месец.

Покрај грчкиот дефанзивец, Арсенал е многу блиску до потпис со уште еден фудбалер од Бундеслигата. Се работи за германскиот голман Бернд Лено, кој зад себе остави одлична сезона во дресот на Баер Леверкузен. Голманот веќе ги договорил личните услови со англискиот клуб и веќе во текот на оваа недела неговиот трансфер треба да биде официјализиран.

Доаѓањето на Лено во Арсенал ќе го истисне Давид Оспина од голманската ротација а Унаи Емери ќе се надева дека Колумбиецот ќе има солиден Мундијал, за неговата цена да се зголеми. Интерес за Оспина покажаа неколку турски клубови.

Арсенал барем засега ја добива „војната“ за потпис на талентираниот 22-годишен Уругваец Лукас Тореира, кој во моментов е играч на Сампдорија и настапува за уругвајската репрезентација на СП 2018. Тој е многу талентиран играч од средината со дефанзивни задачи, но и исклучително квалитетен плејмејкер - токму она што му фалеше на средниот ред на Арсенал.

Тореира има откупна клаузула од 22 милиони фунти а раководството на Арсенал преговара со Сампдорија за исплаќање на целосната сума на 4 рати, нешто што ќе му помогне на клубот да остане во безбедната зона од финансискиот фер-плеј.

Коментирај