Авто новости

Автономните возила на Volvo ќе го гледаат светот преку ласерски сензори

14. јуни 2018 - 15:25 | К.З.

Стартап компанијата Luminar потпиша договор со Volvo за изработка на ласерски сензори за автономните возила на шведскиот производител на автомбили. Ова е втора соработка со голема автомобилска компанија за Luminar, откако во јануари оваа година тие потпишаа договор и со Toyota.

Luminar произведува уреди кои ја мерат далечината помеѓу објектите (lidar сензори), а Volvo ќе ја откупи оваа технологија од нив за сума која беше опишана како „значително голема“ од страна на извршниот директор на Luminar, Остин Расел.

„Понекогаш читаме низ медиумите дека некоја компанија склучила договор со некој гигант, а всушност се работи за продажба на само еден дел за нивниот автомобил. Тука е различно, ова е навистина голема работа“, вели Расел.

Освен соработката со Toyota и Volvo, Расел вели дека Luminar работи со уште две автомобилски компании, но нема да ги открие деталите додека не се официјализира договорот.

Luminar претстави и нов производ на пазарот: 3D систем кој ќе ги означува и препознава сите објекти кои lidar системот ќе ги забележи. Расел вели дека повеќето компании кои произведуваат автономни возила користат 2D технологија за да препознаат тридимензионална површина. Новата технологија која Luminar ќе ја понуди на Volvo ќе им помогне на автомобилите да ги забележуваат објектите во далеку посложена околина.

Коментирај