Фудбал

Барселона на спектакуларен начин ќе се збогува од Андрес Иниеста

17. мај 2018 - 15:56 | М.Д.

Барселона подготвува големо збогување од легендарниот Андрес Иниеста.

Фудбалерите на Барселона веќе одамна си ја обезбедија титулата првак на Шпанија, која ќе ја прослават за време на неделниот натпревар против Реал Сосиедад, а тој меч ќе биде и последен за Андрес Иниеста во дресот на каталонскиот клуб.

Иниеста во Барселона ги помина последните 22 години, откако како 12-годишно момче пристигна во Ла Масија од Албасете, а во април објави дека заминува на крајот од актуелната сезона.

Каталонците одлучија да му оддадат почит на капитенот и една од своите најголеми легенди во историјата, па шпанските медиуми веќе ја објавија кореографијата на „Камп Ноу“ за неделниот натпревар.

Неговиот број 8 ќе биде поставен на трибините, што е симбол за бесконечност, а во склоп со тоа е и натписот „бесконечниот Иниеста“.

Клубот, за оваа прилика, пушти во продажба и посебни дресови со негово име и „бесконечниот“ број 8.

Се уште не е познато каде легендарниот плејмејкер ќе ја продолжи кариерата, а се очекува да се пресели во Азија, додека и американската MLS лига е се уште опција за легендата во залезот на својата кариера.

Коментирај