Свет

Бон-тон лекција од Емануел Макрон: Ќе ми се обраќаш со „господине претседателе“

19. јуни 2018 - 11:04 | А.С.

Францускиот претседател Емануел Макрон се најде во незгодна ситуација на одбележувањето на 78-годишнината од основањето на Францускиот отпор, но ја реши како вистински политичар.

Додека се поздравуваше со насобраните граѓани, еден тинејџер лежерно го праша: „Како е, Ману?“, алудирајќи на името со кое нагалено му се обраќаат на претседателот.

Претходно момчето отпеа стихови од меѓународната социјалистичка химна.

„Не, не може така да се однесуваш, тука си на официјална свеченост и треба да бидеш пристоен. Може да изигруваш кловн, но денеска сепак ја пееме химната. Ќе ми се обраќаш со ‘господине претседателе’ или ‘господине’“, му рече Макрон.

Момчето се извини, но францускиот претседател ја продолжи лекцијата по бон-тон.

„Треба да ги правиш нештата на правилен начин. И еден ден ако сакаш да водиш револуција, треба прво да заслужиш диплома и да научиш како да заработиш за леб“, беше строг Макрон во воспитниот говор, а потоа го потапка момчето по рака.

Ова не е прв пат Макрон да биде реален со граѓаните и да не се обидува да се умилкува по секоја цена. За време на претседателската кампања лани еден работник го нарече „човек во одело“, а Макрон на тоа му одговори:

„Најдобриот начин да купиш одело е да најдеш работа.“

Коментирај