Македонија

БПЦ ќе се консултира со другите цркви, па ќе одлучи за барањето на МПЦ

21. ноември 2017 - 8:24 | Макфакс

Светиот синод на Бугарската православна црква ќе се консултира со другите14 православни цркви, меѓу кои и руската, српската и грчката пред да донесе одлука за признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Од секретаријатот на БПЦ за бугарски „Дневник“ изјавиле дека предлогот, најверојатно, ќе биде разгледан на седницата закажана за 27 ноември, но оти не се очекува веднаш да биде донесена одлука.

 Причина за тоа е што ова прашање се смета за исклучително важно и ќе треба Светиот синод на БПЦ да спроведе консултации со 14-те православни цркви: Константинополската патријаршија, Грчката, Албанската, Полската, Кипарската, Романската, Српската, Грузиската, Руската црква, како и православните цркви на Америка, Чешка и Словачка, како и Ерусалимската, Александриската и Антохијската патријаршија.

По консултациите со другите православни цркви, Светиот синод на БПЦ ќе одлучи за предлогот на Македонската православна црква, наведува софиски „Дневник“.

Синодот на МПЦ-ОА на 9 ноември испрати писмо до БПЦ во кое се бара воспоставување на „евхаристиско единство со возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква“.

Во него се додава дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја препознае и признае Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија како мајка црква, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и актуелизира, претставува и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите помесни цркви.

Коментирај