Фудбал

Цел свет пишува за посрамотениот Калиниќ

19. јуни 2018 - 13:17 | А.С.

Хрватскиот селектор Златко Далиќ пет минути пред крајот на натпреварот Хрватска-Нигерија (2:0) го викна Никола Калиниќ да стане од клупа и да влезе во игра на местото на Марио Манџукиќ.

Калиниќ му го даде истиот одговор како и на претпоследниот подготвителен натпревар за СП 2018 против Бразил (0:2) во Ливерпул – дека не може да игра бидејќи го боли грбот.

Селекторот тоа го сфатил вака – дека на Калиниќ му е повредено егото бидејќи е резерва и одлучи да го прати дома по само еден натпревар од Мундијалот, иако со тоа репрезентацијата останува само со двајца напаѓачи, Манџукиќ и Андреј Крамариќ.

Калиниќ стигна на сплитскиот аеродром од Русија со две торбици со број 16 и не делуваше премногу разочарано што за него Мундијалот во Руисја заврши по само четири дена.

„Што да кажам кога знаете дека не можам ништо да зборувам. Ќе се јавам ако некогаш зборувам за сѐ“, кратко рече Калиниќ на прашањето на новинарот на хрватски „Спортски новости“ и побрза да замине.

Со оглед на тоа дека овој скандал се случи во рамките на Светското првенство во Русија, веста за бркањето на Калиниќ од репрезентацијата веднаш се рашири низ светот.

Сите светски медиуми и водечки спортски портали пишуваат за „посрамотениот Калиниќ“, а тоа е и трендинг тема на социјалните мрежи.

Коментирај