Фудбал

Добри вести за Египет: Салах подготвен за првиот натпревар

14. јуни 2018 - 15:50 | М.Д.

Египетскиот фудбалски сојуз излезе со соопштение дека Мохамед Салах ќе биде подготвен за утрешниот натпревар против репрезентацијата на Уругвај.

Мохамед Салах закрепна од повреда на рамото, со која се здоби на 26 мај, во финалето од ЛШ помеѓу Реал Мадрид и Ливерпул.

Не многу долго после повредата, фудбалската јавност стравуваше дека омилениот египетски репрезентативец нема да биде подготвен за тековното Светско првенство во Русија.

Сепак, со напорите на медицинскиот тим, кој беше поддржан и од државното египетско раководство, беше забрзана и успешно спроведена рехабилитацијата на Мохамед Салах.

„Со сигурност од 100 проценти можам да потврдам дека Мохамед Салах е подготвен да заигра против Уругвај“, изјави египетскиот селектор Хектор Купер на денешната конференција за новинарите.

„Докторите му понудија опција да игра или да не игра против Уругвај. Меѓутоа, го познавам многу добро. Тој не знае за страв. Ако одлучи да заигра ќе го поддржиме и ќе направиме да биде полн со самодоверба на теренот“, порача Хектор Купер.

Коментирај