Свет

Експерти за говор на тело: Трамп и Ким изгледаа како татко и син

12. јуни 2018 - 11:37 | М.Д.

Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изгледаа како татко и син за време на самитот во Сингапур, оценуваат експерти за говор на тело.

Во првите моменти од средбата и Трамп и Ким се обидуваа да остават впечаток дека се „главни“, но покажуваа и знаци на нервоза.

Експерти велат дека американскиот претседател во првите 13 секунди, колку што првиот пат ја држеше раката на Ким, покажа вообичаена доминација, бидејќи прв му пријде на Ким.

Не сакајќи да остане во сенка, Ким цврсто ја прифати неговата рака и го гледаше Трамп во очи пред да се сврти кон новинарите.

„Тоа не беше вообичаено ракување. Рацете им се движеа горе-долу, секој по малку повлекуваше на своја страна. Не дозволуваа некој да биде доминантен“, објаснува австралискиот експерт за говор на тело Алан Пеас.

Покажувањето на авторитет, кога станува збор за Трамп, оди многу лесно. Како светски лидер, бизнисмен и поранешна телевизиска ѕвезда, тој е многу добро упатен во тоа како делотворно да го користи говорот на телото.

Неговата висина, исто така му дава предност во однос на Ким.

Додека се движеа кон библиотеката, каде прв пат па се сретнаа лице во лице, Трамп настојуваше да ја ублажи напнатоста, зборувајќи со Ким и дозволувајќи му да се движи малку пред него.

Трамп, сепак, ја задржа контролата тапкајќи го по рамењата и водејќи го кон библиотеката.

Ким Џонг Ун е речиси двојно помлад од Трамп и во поголемиот дел од времето гледаше во под и ги слушаше зборовите на Трамп.

Доналд Трамп зборуваше мирно, речиси покорно, но неговиот јасен говор на телото покажуваше „јас сум овде главен“, тврдат експерти за говор на тело чиј главен заклучок гласи:

„Да не ги познавате, би рекле дека овој голем човек е неговиот татко, а дека помалиот е неговиот син. Ким помалку изгледаше како дете во забавен парк – не беше исплашен, туку возбуден и малку нервозен“.

Трамп и Ким се сретнаа во Сингапур, на историскиот разговор за пронаоѓање на решение за нуклеарното прашање на Корејскиот полуостров.

Коментирај