Здравје

Емоционалниот стрес е штетен за срцето како и инфарктот

20. ноември 2017 - 15:28 | М.Д.

Скршеното срце може да предизвика оштетување на срцето исто како и срцевиот удар, соопштено е во новото истражување.

Станува збор за последица од емотивен стрес, обично предизвикан од тага или трауматично раскинување.

Во Велика Британија илјадници возрасни луѓе страдаат од синдром на „скршено срце“.

Научниците докажале дека срцето може да биде ослабено кога одредени животни настани влијаат на личноста.

Докторите и порано претпоставувале дека тие влијанија се привремени и дека штетите не се долготрајни, но тим од Универзитетот во Абердин развил нова теорија.

Истражувањето, во кое учествувале десетина лица кои страдаат од синдром на скршено срце, покажало дека таа состојба трајно го слабее срцето во еднаква мерка како и срцевиот удар.

Пациентите во текот на изминатите две години редовно правеле ултразвук и магнетна резонанца, а научниците откриле дека оние кои страдаат од скршено срце не се во состојба да вежбаат и бргу се заморуваат.

„Синдромот на скршено срце се појавува почесто од она што мислевме. Резултатите јасно покажуваат на трајните непосакувани дејствија од оваа појава на срцето“, изјави Дина Досон, автор на истражувањето.

„Нашето истражување укажува на тоа дека овој проблем треба да се сфати со иста сериозност како било кој друг проблем со срцето и дека на пациентите и е потребен траен третман“, заклучи Досон.

Коментирај