Фудбал

„Феноменот“ Роналдо примен на интензивна нега поради воспаление на белите дробови

12. август 2018 - 15:45 | К.З.

Поранешниот освојувач на Златната топка, Бразилецот Роналдо, е примен на на интензивна нега поради воспаление на белите дробови, познато како пневмонија. Тој се разболел од пневмонија за време на неговото патување на Ибица.

Бразилскиот фудбалер бил примен во клиниката Кан Мисес во Ибица уште овој петок (10.08.2018) а шпанските медиуми дури сега ја добија оваа вест.

Прославениот Роналдо (41) побарал помош откако ги почувствувал симптомите на пневмонија на почетокот на овој викенд. Тој барал да биде пренесен во приватната болница Нуестра Сењора де Росарио уште истиот ден.

Претставници од болницата известуваат дека состојбата на Роналдо е стабилна и тој добро напредува, но дека нема да биде пуштен од лекување додека не бидат сигурни дека сѐ е во ред со него.

Двократниот освојувач на Светското првенство и најдобар стрелец на Мундијалот во 2002 година редовно ја посетува Ибица, каде што веќе неколку години има куќа во која престојува сам или со семејството. Тој пристигнал на островот пред само неколку дена.

Во последните неколку години Роналдо имаше повеќе здравствени проблеми, голем дел од нив предизвикани од неговата прекумерна тежина.

Коментирај