Фудбал

Фудбалери на кои Мундијалот во Русија им значи сѐ

11. јуни 2018 - 15:10 | К.З.

Светското првенство е најголемата сцена во фудбалот, онаму каде се раѓаат легенди, каде што младите играчи стануваат зрели лидери и тоа е место каде една грешка тотално ве исфрла од натпреварувањето. СП во Русија ќе им даде шанса за сите играчи да покажат што знаат, но за некои од нив ова не е само турнир, туку поле каде можат да испишат историја.

Секој од овие играчи доаѓа на ова првенство со различни амбиции: некој за да си ги избрише „гревовите“ од претходното СП, некој за да ја одбрани честа на неговата земја, а некој за да докаже дека тој е најдобриот фудбалер во светот.

Од која гледна точка и да гледаме, со години наназад Светските првенства покажуваат дека се огромен фактор во тоа како го гледаме фудбалот. Тие не се само репрезентативен турнир за докажување чија репрезентација е најсилна, туку и отворено поле за играчите да го покажат нивниот квалитет. Некои од играчите (Роналдо, Салах) воопшто не се во позиција да се борат за титулата бидејќи нивната репрезентација не е доволно силна, додека други пак (Нејмар, Меси) треба да покажат дека се лидери и од нив се очекува да го донесат трофејот дома.

Нејмар (Бразил)

Враќањето на Нејмар на фудбалските терени се случи во натпреварот против Австрија, кога тој го постигна вториот гол за Бразил и покажа дека е во добра форма пред почетокот на СП. Со талентираната екипа околу него, составена од Филипе Кутињо, Габриел Жезус, Марсело и Тиаго Силва, повеќе нема оправданија за оваа репрезентација. Коцките се наредени за Бразил да биде освојувачот на ова првенство, но Нејмар мора да докаже дека може да ја води оваа репрезентација до успеси.

Мохамед Салах (Египет)

Фудбалот е моќно оружје кое е над политиката, расата и религијата, а тоа најдобро го покажува кариерата на Мохамед Салах. По пролетната арапска револуција во 2011 година, Египет реши да ја суспендира египетската фудбалска лига и тоа беше доволна причина за тогаш 18-годишниот Салах да си замине од таму и да потпише за Базел. Фактот дека тој немаше настапено за Ал-Ахли или Ал-Масри, двата политички спротивставени клубови од Египет, го направи вистинска фигура на обединување во неговата земја. Сега, на ова првенство, тој треба да ја продолжи добрата сезона и да покаже дека египетскиот народ може да доживее фудбалска радост и во иднина.

Кристијано Роналдо (Португалија)

Кога и да се спомене името на Кристијано Роналдо, веднаш се очекува да се отвори дебата за неговиот лик и дело. Некој ги истакнува неговите фудбалски квалитети, друг зборува за неговата глума на терените, а трет пак го обвинува/оправдува затоа што е глобална икона која секогаш е во очите на јавноста. За Роналдо може да се зборува со денови, но на крајот само една работа ќе биде утврдена – тој е олицетворение на модерниот фудбалер. Со освојувањето на Европското првенство во 2016 година тој го најде неговото место во историјата, но разочарувачките настапи на Португалија на СП со него можат да бидат избришани само со добар перформанс на Роналдо на претстојниот Мундијал.

Лионел Меси (Аргентина)

Во последните 5 години стана многу тешко за Лионел Меси да се натпреварува со Кристијано Роналдо. И покрај признанијата од фудбалската јавност дека тој е поталентираниот од двата фудбалери, сепак на големата сцена Роналдо е оној кој многу почесто се радува. Единственото нешто што му фали на Лионел Меси е репрезентативна титула, а ова СП е веројатно последно за Аргентинецот (или барем последно во врвот на неговата кариера). На него ќе му биде потребна поддршка од соиграчите, кои неколкупати претходно „паднаа“ на репрезентативните турнири, но ќе му треба и полна посветеност кон тимската игра и тимскиот успех. За Аргентина СП почнува на 16 јуни, кога ќе играат против Исланд, а јавноста очекува од Меси да ја преземе одговорноста во свои раце (или нозе, поточно).

Андрес Иниеста (Шпанија)

Што можеш да направиш кога имаш освоено сѐ? Па, веројатно се препушташ на уживање. Токму тоа ќе го направи Андрес Иниеста на ова Светско првенство. Тој оваа сезона си замина од Барселона, а овој турнир ќе биде последниот репрезентативен собир за Шпанецот. Иниеста го остави неговиот траг на СП во Јужна Африка, кога беше стрелец на победничкиот гол во финалето против Холандија и ѝ го донесе на Шпанија единственото злато од Мундијалите. Сега, кога веќе името на Дон Андрес е запишано во историските книги на шпанскиот фудбал, тој може да има мирно испраќање од репрезентативниот дрес.

Коментирај