Останати спортови

Гетлин реши да ги бојкотира британските медиуми

24. август 2015 - 15:40 | Макфакс

Американскиот спринтер Џастин Гетлин реши да го бојкотира британскиот јавен сервис BBC, но и останатите британски медиуми, поради нивното „пристрасно“ известување на финалната трка на 100 метри на Светското првенство во Пекинг.

Гетлин во неделата го освои сребрениот медал на 100 метри со време 9,80 секунди, додека златниот медал му припадна на Усеин Болт кој беше побрз за една стотинка.

Спринтерскиот дуел Болт-Гетлин многу светски медиуми го нарекоа „борба меѓу доброто и злото“, алудирајќи на четиригодишната суспензија на Американецот поради користење недозволени супстанции.

„Ја одбрани титулата, ја одбрани својата репутација, а можеби го спаси спортот“, рекол коментаторот на BBC, Стив Крем, во моментот кога Болт прв мина низ целта.

На фотографијата која е објавена на Twitter се гледа како Брендан Фостер и неговите колеги од BBC ја слават победата на Болт.

Гетлин смета дека има неправеден третман, не само на BBC, туку и во останатите британски медиуми, кои во своите најави за трката акцент ставаа на неговата суспензија поради допинг.

„Џастин и јас мислиме дека британските медиуми и новинари се однесуваа нељубезно. Тие не кажаа ништо позитивно, туку нешто сосема друго. Постојано говореа за допингот и од него направија злосторник. За да го задржи своето достоинство и самопочит, Гетлин смета дека е најдобро да не разговара со нив. Тоа е несреќна околност, но него го погодија таквите напади. Како луѓе треба да бидеме подобри од тоа, BBC треба непристрасно да известува, а не да го открива своето мислење“, смета менаџерот на американскиот спринтер, Реналдо Нехемија.

Гетлин првата суспензија поради допинг ја доби во 2002 година и тоа поради користење на амфетамин. Американецот повторно беше позитивен во 2006 година, но тогаш бидејќи соработуваше со истражните органи наместо доживотна доби четиригодишна суспензија.

По враќањето на патеките Гетлин постигнуваше одлични резултати, и се до неделниот пораз од Болт тој имаше серија од 29 победи, а најдоброто време кое го истрча во тој период изнесуваше 9,74 секунди.

На прес конференцијата по финалето на 100 метри на секое прашање поврзано со допингот тој одговарал со „благодарам“.

Инаку на Светското првенство во Пекинг нов дуел помеѓу Болт и Гетлин се очекува во трката на 200 метри.

Коментирај