Фудбал

Италијанска инвазија во Челзи: Сари сака неколку засилувања од Серија А

20. јули 2018 - 15:24 | М.Д.

Со доаѓањето на Сари како нов тренер на Челзи, почнува италијанска инвазија во англискиот клуб, откако „Сините“ веќе го донесоа Жоржињо од Наполи за 57 милиони евра.

Медиумите од Островот ексклузивно пренесуваат дека Маурисио Сари, на „Стемфорд Бриџ“ сака да го доведе супер талентираниот голман на Милан, Џанлуиџи Донарума, кој долго време се поврзува со заминување од клубот.

Секако, „Сините“ ќе тргнат во напад на Донарума, само ако Куртоа си замине од клубот.

Како преостанати „резервни“ опции за Челзи, се споменуваат голманите Петар Чех (кој замина токму од овој клуб и отиде во Арсенал, каде сега и брани) и Каспер Шмајхел, голманот на Лестер, кој блесна на Светското првенство во Русија.

Кога се во прашање останатите линии на тимот, Сари повторно го бара спасот во Италија, па прва мета е дефанзивецот на Јувентус, Даниеле Ругани, за кого веќе се појавуваат шпекулации дека е договорен, па се очекува да биде второто засилување за клубот од Лондон, во трансфер вреден 50 милиони евра.

И понатаму младиот стопер (роден во 1994 година), минатата година немаше значајна улога во дресот на „Старата дама“, иако собра 22 настапи во Серија А.

Во лигата на шампионите настапи само два пати и тоа во последните две кола од групната фаза.

Преговорите со Ругани и неговиот менаџер и понатаму се во тек, а Челзи сака уште двајца играчи на Јувентус. Прв е стоперот Матија Калдара (24), кој минатата сезона ја помина на позајмица во Аталанта, а вториот е напаѓачот Гонзало Игуаин (30).

Сепак, познато е дека Јуве веќе ја одби понудата за Калдара, вредна 30 милиони евра.

Челзи очигледно нема да жали пари за што побргу да му ги исполни трансфер желбите на новиот тренер, а тие, барем засега, строго се однесуваат на играчи од Серија А.

Коментирај