Бизнис

Измама на векот: Како се манипулираше со цената на биткоин?

17. јуни 2018 - 12:02 | А.С.

Џон Грифин, професор по финансии на Универзитетот на Тексас ја истражуваше врската меѓу трансакциите со биткоин и трансакциите на криптовалутата тетер. Тој заедно со неговиот стручен тим ја истражуваше врската во периодите кога цената на биткоинот во текот на изминатата година растеше со огромна брзина.

Сомнежите за манипулации со цената на биткоин и поврзаноста со тетер се појавуваа на ниво на шпекулации, беа потврдувани низ некои анализи, но сега за прв пат некој ја обработува оваа проблематика од научен аспект.

За потребите на овој научен труд, тимот финансиски експерти од Тексас анализираше милиони трансакции што може да се видат во јавен блокчејн и ја докажа корелацијата меѓу големите купувања на биткоини извршени со тетер и тоа во периоди кога растот на цената на биткоин стагнираше.

Како последица на овие трансакции на неколку светски берзи продолжи да расте цената на биткоин, а ефектот на манипулацијата беше фрапантен. Нешто помалку од 1% од времето на тргување со тетер во вакви ситуации е „заслужно“ за 50% од растот на цената на биткоин, и дури за 64% на цената на други криптовалути.

Примери за ваквото тргување се појавуваа во текот на минатата година, велат научниците, но не може да бидат објаснети како чисти пазарни побарувања, туку имаат карактеристики на манипулативно однесување во кое криптовалутата тетер послужи за генерирање на побарувачката за биткоин.

Особено значајни беа акциите за купување на биткоин со тетер на „заокружена“ цена на биткоинот, што даваше лажни сигнали за купување или продавање што ги набљудуваа останатите инвеститори.

Професор Грифин вели дека успеале да изолираат неколку „осомничени“ кои можеби вештачки ја кренале цената на биткоин на ваков начин. Засега неидентификувани поединци и компании се поврзуваат со берзата Bitfinex, која е под раководство на истата екипа што го основа стартапот Tether, лансирајќи ја истоимената криптовалута врзана за американскиот долар.

Коментирај