Фудбал

Калиниќ одби да земе медал од Светското првенство

20. јули 2018 - 9:55 | М.Д.

Никола Калиниќ, фудбалерот кој беше избркан од Светското првенство во Русија, откако одби да влезе во игра за Хрватска, сега одби да земе медал од Светското првенство, откако играчите одлучија да му доделат, иако тој се однесуваше неспортски.

Калиниќ ќе има зошто да жали, бидејќи додека неговата репрезентација стана вистински хит во светот и играше во финалето од Светското првенство, тој се врати во Милано, каде беше забележан како игра билијард.

Меѓутоа, иако направи голема грешка и значително им ја отежна работата на колегите од репрезентацијата, а посебно на Манџукиќ, кој пред крајот на турнирот едвај стоеше на нозе, соиграчите и стручниот штаб одлучија да му врачат сребрен медал на Калиниќ.

Иако не одигра ниту секунда, Калиниќ беше во официјалниот состав на репрезентацијата и сојузот доби медал за него.

Но, како што сега пишуваат хрватските медиуми, Калиниќ се заблагодарил на понудата и го одбил медалот со порака: „Ви благодарам, но јас не играв во Русија“.

Ова е можеби и очекуван одговор, од напаѓачот кој беше избркан од кампот на репрезентацијата, два дена после дуелот со Нигерија од 1 коло во групната фаза, поради што на себе го навлече гневот на светската јавност.

За потсетување, Калиниќ уште на пријателската средба против Бразил на „Енфилд“, одби да влезе во игра поради наводни болки во грбот, а поради истата причина не сакаше да влезе во игра ниту против Нигерија. Откако пропушти и еден тренинг поради „болки“ во грбот, Далиќ го загуби трпението и со првиот авион го испрати дома.

„Не сум ниту среќен ниту горд поради ова, но од моја страна правев се да не дојде до тоа. Три пати му давав шанса да се врати, а последниот пат го чекав цел ден. Жал ми е што вака се случи, но не сакам повеќе да се враќам на тоа“, изјави Златко Далиќ неодамна.

Калиниќ моментално е во Милано, каде се наоѓа на подготовки со Милан, но последните шпекулации велат дека ќе се пресели во Атлетико Мадрид.

Коментирај