Кошарка

Кошаркарски легенди кои би биле ѕвезди во денешната НБА

12. август 2018 - 17:33 | Кирил Зарински

Споредувајќи ги денешните кошаркари со поранешните легенди на кошаркарската игра дојдовме до идеја да направиме петорка составена од историски играчи кои би успеале најдобро да се снајдат во денешната НБА лига.

Секако, поставивме неколку услови. Сите играчи кои ќе ги одбереме мора да ја имаат завршено нивната кариера пред 2000 година. Секој од нив ќе биде избран за да игра на нивната матична позиција и ќе бидат одбрани оние играчи на кои најдобро би им прилегала НБА лигата според сегашните правила, начин на игра и склоп на кошаркари.

Плејмејкер: Оскар Робертсон

Првиот играч кој успеа да забележи трипл-дабл во просек во текот на цела сезона, Оскар Робертсон, би бил совршен за денешната НБА. Со стил на игра кој многу потсетува на Расел Вестбрук, атлетскиот стил на игра и кошаркарската интелигенција која ја поседува би го направиле Робертсон еден од најдобрите играчи во НБА лигата денес.

Бек шутер: Мајкл Џордан

Зарем треба да го објаснуваме изборот на Мајкл Џордан? Најдобриот кошаркар во историјата на кошарката би бил идеален избор за неговата позиција во било која ера. Неговиот талент многупати бил ставен на тест и секогаш го поминуваше тестот, а неговите играчки квалитети навистина би дошле до израз во моменталната НБА, каде веќе се изгуби типот на играчи каков што беше Џордан.

Крило: Лери Брд

Брд е познат како еден од најдобрите шутери на сите времиња и играч кој секогаш сакал да преземе одговорност во последните моменти од мечот, кога резултатот се крши. Неговата дарба за наоѓање на вистинскиот играч за асистенција многу потсетува на она што во моментов го прави Леброн Џејмс и токму поради тоа би бил совршен за НБА лигата во денешната состојба.

Крилен центар: Чак Персон

Еден од ретките крила кои беа пред своето време, Чак Персон успеваше да ја искористи неговата шутерска дарба за да биде напаст за противничките одбрани во 90-те. Денеска тој наместо на позицијата крило би требало да игра како крилен центар, но неговото тело му дозволува да го прави тоа и да биде еден од најдобрите во лигата на таа позиција.

Центар: Карим Абдул-Џабар

Уште еден избор кој нема потреба да го објаснуваме. Легендата на Милвоки Бакс и Лос Анџелес Лејкерс беше познат како „најсигурните два поени во историјата на кошарката“, најмногу поради неговиот несопирлив, совршен хорок шут во рекетот. Тој ја заврши кариерата како најдобриот поентер во историјата на лигата, рекорд кој и понатаму го држи и малку е веројатно дека некој ќе го скрши.

Коментирај