Кошарка

Крај на шпекулациите - Давитков останува селектор на Македонија

13. јули 2018 - 14:04 | МИА

Скопје, 13 јули 2018 (МИА) - Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Јорданчо Давитков, денес на прес-конференција, која беше свикана на негова иницијатива, ги расчисти сите шпекулации во однос на неговото останување на чело на „жолто-црвените“.

 Тој ја објасни ситуацијата со неговиот ангажман со клубот од Кувајт, Ал Кадсија и периодот кој ќе му биде дозволен за отсуство поради подготовките на националниот тим.

 - Термините на ФИБА и во јуни и сега во септември не можам да ги разберам. Уште по завршувањето на првенството во Кувајт имав разговори со луѓето во клубот. Барав од нив да бидам слободен во февруари и ноември и беше сѐ во ред. Ме пуштија во февруари, беше се договорено за ноември, но доаѓа септемврискиот циклус каде треба цел август да бидеме на подготовки. Во разговор со челниците добив дозвола да бидам со репрезентацијата, но најмногу 20 дена. Ако имаме подготовки од 35 дена е тешко и нереално да се очекува дека клубот ќе ме пушти. Најлесно е да кажам заминувам и ви благодарам за се, но мислам дека бев должен пред сите вас да ја изложам целата ситуација, сподели Давитков.

 Селекторот додаде дека постојат две опции: првата е подготовки од 35 дена, а втората е играчите да се подготвуваат со своите клубови, и да се почне подоцна и подготовките да траат околу 20 дена.

 - Сите заедно ќе се договориме што ќе правиме, истакна селекторот.

 Спортскиот Директор на МКФ, Владимир Темелковски додаде дека во наредните неколку дена ќе се дефинираат сите работи и ќе се излезе со официјален став.

 - Се надевам дека ќе останеме во ист состав и дека со клубот ќе дојдеме до договор и ќе имаме нормални припреми. Репрезентацијата треба да биде приоритет за сите нас, потенцира Темелковски.

Коментирај