Фудбал

ЛШ: Јунајтед ќе и гостува на Севиља, пресметка меѓу Рома и Шахтјор

21. февруари 2018 - 8:40 | М.Д.

Долгоочекуваната осминафинална рунда од Лигата на шампионите ќе го заврши својот прв круг со натпреварите меѓу Севиља и Манчестер Јунајтед, односно Шахтјор и Рома, кои се играат вечерва во стандардниот термин од 20:45 часот.

Големите очекувања од осминафалето од Лигата на шампионите кои растеа и поради, за Лигата на шампионите, типичната зимска пауза, се исполнети, бидејќи шесте претходни натпревари донесоа содржина која ја одбележаа пресврти и големи тактички надмудрувања, но и убедливи победи.

Севиља ќе се обиде да им приреди изненадување на „Ѓаволите“

После прилично лесно група во која Јунајтед ги измери силите со Базел, Бенфика и ЦСКА Москва, „Црвените Ѓаволи“ и во осминафиналето добија, во најмала рака, противник „по мерка“. Екипата на Жозе Мурињо во овој двомеч влегува со улогата фаворит и ако успеe тоа да го оправда ќе си обезбеди пласман меѓу осумте најдобри екипи во Европа, што за Јунајтед би бил одличен напредок во ова натпреварување.

Сепак, за да се избори за пласман во четвртфиналето, Јунајтед вечерва мора да направи резултат кој би им ја олеснил работата во реваншот, а во однос на тоа дека Јунајтед вечерва е гост, се очекува типична игра на Мурињо на резултат.

Севиља после три титули по ред во Лига Европа, минатата година стигнаа токму до оваа фаза од Лигата на шампионите, каде беа елиминирани од Лестер. Шпанците и овој пат за противник имаат англиски претставник, кој, барем на хартија, е многу посилен од Лестер, па така пред тимот на Винченцо Монтела стои исклучително тешка задача.

Расположените Џеко и Рома против Шахтјор

Благодарение на победите на домашен терен против Манчестер Сити и Наполи, Шахтјор успеа да си избори пласман во осминафиналето, иако тој успех не се очекуваше од тимот кој го води Паоло Фонеска. Шахтјор изненади во прилично тешка група, сега ја доби Рома и сигурно е дека нема да застанат тука, па навистина ќе биде интересно да се види како овој клуб ќе се бори со Италијанците.

Рома исто така имаше тешка група во која успеа да изненади и дури да заврши прва, во однос на тоа дека противници и беа Челзи и Атлетико Мадрид. Рома последен пат успеала да избори пласман во четвртфиналето во сезоната 2007/2008 година, а сега против Шахтјор имаат нова прилика за такво нешто.

Расположениот Един Џеко остана во клубот и сите се надеваат на нова „магија“ на Босанецот, односно на негови погодоци кои ќе им го обезбедат пласманот меѓу осумте најдобри во Европа.

Коментирај