Фудбал

Милан ја победи УЕФА: „Росонерите“ ќе играат во Лига Европа

20. јули 2018 - 13:23 | М.Д.

Како што сега стојат работите, функционерите во управата на Милан, се чини дека успеаја да го сторат она што изгледаше речиси невозможно.

Имено, „Росонерите“ неодамна добија забрана од УЕФА за настап во европски натпреварувања на една година, поради кршење на финансискиот фер плеј, па веднаш после оваа одлука, од клубот поднесоа жалба.

Како што ексклузивно открива „Sky Sports“, на италијанскиот клуб му е укината забраната за учество во Европа и тие ќе можат да се натпреваруваат во овогодинешното издание на Лига Европа.

Според овие, сѐ уште неофицијални информации, Меѓународниот суд за арбитража во спортот (CAS), ја уважи жалбата на „Росонерите“, која се однесуваше на споменатата одлука на УЕФА, па сега тие ќе можат да се натпреваруваат во Лига Европа, за каде веќе имаат изборено пласман.

Ако ова и официјално се потврди, Милан најверојатно ќе го плати само финансискиот дел од казната, која изнесува 30 милиони евра.

Вчерашниот ден беше клучен за Милан, бидејќи луѓето од управата на „Росонерите“, со часови ги убедуваа главните луѓе на УЕФА дека клубот не треба да биде казнет, па се чини дека нивните аргументи сега се прифатени.

„Росонерите“ натпреварувањето во Лига Европа оваа година ќе го започнат во групната фаза, додека Аталанта ќе мора да оди во квалификации, а Фиорентина, поради враќањето на Милан на европска сцена, останува без настап во Лига Европа.

Коментирај