Живот

Monstanto треба да плати 289 милиони долари на лице заболено од рак

11. август 2018 - 11:21 | МИА

Сан Франциско, 11 август 2018 (МИА) - Суд во Сан Франциско пресуди дека американскиот агрохемиски гигант Monsanto треба да му плати отштета од 289 милиони долари на градинар заболен од рак, затоа „што не го информирал за ризиците од користење“ на неговиот хербицид Roundup.

Судот оцени дека Monsanto се однесувал „злонамерно“ и дека хербицидот „значително придонел“ за појава на болеста на градинарот Дивејн Џонсон. 

„Овој проблем е поважен од мене. Се надевам дека ќе го добие вниманието што го заслужува“, изјави 46-годишниот Џонсон по изрекувањето на пресудата.

Џонсон во тужбата против Monsanto бараше отштета од над 400 милиони долари, тврдејќи дека хербицидот довел до појава на болеста и дека компанијата свесно го прикривала неговото штетно влијание.

Адвокатите на Monsanto најавија жалба на пресудата.

Случајот на Џонсон е еден од неколкуте илјади што се водат против Monsanto пред федерални или државни судови во САД во врска со штетните последици на хербицидот Roundup.

Коментирај