Фудбал

Не свртувај се, сине: Лука Модриќ понизно се врати на Сантијаго Бернабеу

12. август 2018 - 13:56 | К.З.

По пауза од 77 дена исполнети со трансфер шпекулации, Лука Модриќ повторно заигра за Реал Мадрид во натпреварот против Милан во рамките на пријателскиот Бернабеу Куп. Со оглед на неизвесноста за неговата иднина во клубот, навивачите мислеа дека финалето на ЛШ 2018 беше последниот натпревар кој Модриќ ќе го одигра за Реал Мадрид.

„Бернабеу со највисоки децибели го поздрави влегувањето во игра на Модриќ. Стадионот на ‘белите’ гласно воздивна кога го виде русокосиот Хрват како ги влече конците во средината на теренот“, пишува најчитаниот шпански весник Marca за дочекот на Модриќ од страна на навивачите на Реал Мадрид во пријателскиот натпревар против Милан синоќа.

Лука Модриќ во последните десетина денови сензационално се претвори во главна ѕвезда на преодниот рок, и тоа не по заслуга на новинарите кои шпекулираат за потенцијални трансфери, туку по заслуга на неговото барање за трансфер во Италија, односно во тимот на Интер.

Имено, тој деновиве бараше да разговара со Флорентино Перез за да му биде дозволено да направи трансфер во Интер, кој е заинтересиран за неговите услуги и му понуди богат договор за да го смени клупскиот дрес. Италијанскиот клуб му нуди на Хрватот плата од 10 милиони евра и договор до 2022 година, додека тој од Реал Мадрид добива „само“ 8 милиони евра и договор кој трае до 2020 година. Поради подолгиот договор и поголемата плата, Хрватот сериозно размислува на опцијата од Интер и навивачите на „кралскиот клуб“ се загрижени дека ќе го изгубат нивниот маестро од средината на теренот.

Изгледа дека навивачите му го простија тоа и вчера го дочекаа со громогласен аплауз, кога тој се подготвуваше да влезе во игра. Модриќ би бил огромно засилување на Реал Мадрид со самото тоа што ќе остане во клубот, но Интер сигурно нема да се откаже од него така лесно.

„По заминувањето на Зинедин Зидан и Кристијано Роналдо, заминувањето на уште една ѕвезда од тимот би било премногу“, пишува Marca.

Иако тој вчера одигра само 15 минути, илјадници читатели на Marca го оценија како еден од најдобрите играчи на теренот. За нив, најдобрата вест од вчерашниот натпревар е тоа што повторно го видоа Хрватот во белиот дрес на Реал Мадрид.

Коментирај