Македонија

Одобрено обвинението против Сашо Мијалков во случајот „Тортура“ врз Љубе Бошкоски

5. март 2018 - 16:11 | Макфакс

Апелацискиот суд во Скопје ја прифати жалбата на СЈО на одлуката на кривичниот суд со која поранешниот директор на УБК беше изземен од обвинението за случајот „Тортура“. Апелацискиот суд го преиначи првостепеното решение и го одобри обвинението против Сашо Мијалков.

Во „Тортура” обинети се поранешниот прв човек на единицата „Алфа”, Ивица Антевски – Пуки, и уште петмина „алфи“ за апсењето на Бошкоски. Првично СЈО го обвини Мијалков, но кривичниот судот одлучи да им се суди само на шестемина од единицата „алфи”, но не и на поранешниот прв човек на УБК.

Судијката Моника Бахчовановска, која го ценела обвинението, напишала дека нема oснови на сомнение дека ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е поттикнувач на тортура против ексминистерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски.  Судијката одлучила за тортура да одговараат само „алфите“, а не и Мијалков бидејќи во време на апсењето на Бошкоски Мијалков бил шеф на УБК, а надлежност за давање команди на „алфите“ имале одговорни лица од Бирото за јавна безбедност. Во образложението е напишано дека само од бомбите не може да се утврди дека Мијалков нарачува тортура. СЈО, пак, во обвинението ги предложило Љубе Бошкоски како оштетено лице, но и загрозен сведок кој би дал исказ под псевдоним во судот. СЈО поднесе жалба на оваа одлука на судијката Бахчовановска.

Освен командантот Ивица Антевски – Пуки, обвинети се и „алфите“: Новица Станковски, Јован Боцевски, Петар Милошевски, Филип Атанасов и Метуш Шабани. Судот по барање на СЈО им определи забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно им ги одзеде полициските овластувања. Покрај тоа, обвинетите секој петок најдоцна до 12 часот треба да се јавуваат на шалтер во кривичниот суд. Оваа мерка СЈО ја побара бидејќи „алфите“ му вршеле притисок на сведокот предложен токму од нив.

Судењето за „Тортура“ требаше да почне на 28 февруари, но беше одложено и ќе почне на 23 март годинава.

Коментирај