Фудбал

Официјално: Клоп го доби најскапиот голман во историјата

20. јули 2018 - 8:45 | М.Д.

Ливерпул конечно го доби она што го сакаше. Бразилскиот голман, Алисон Бекер, синоќа ги помина медицинските прегледи и потпиша шестгодишен договор со клубот од „Енфилд“, кој на Рома ќе и плати 70 милиони евра за овој трансфер. Ливерпул најпрво ќе плати 62 милиони евра, а остатокот ќе го исплати преку бонуси.

Јирген Клоп, на овој начин го реши можеби и најголемиот проблем во тимот на Ливерпул, кој минатата сезона ги чинеше многу поени, а на крајот на приказната дури и титулата европски првак.

Иако најпрво се шпекулираше дека „Црвените“ се откажале од Алисон, бидејќи Рома бараше и до 90 милиони евра, сепак Ливерпул ги забрза преговорите, откако стана јасно дека Челзи го продава Куртоа и тргнува во лов на Бразилецот.

Сепак, Ливерпул беше побрзиот во преговорите и Алисон пристигна на „Енфилд“.

„Во еден момент се отвори прилика во преговорите и моравме тоа да го искористиме. Морав малку да зборувам со сопствениците. Оваа идеја им се допадна и на нив, па потоа набргу влеговме во завршни преговори. Цената е таква каква што е и јас овде не можам ништо. Пазарот ги диктира цените, а голманите моментално држат висока цена. Добивме фантастичен, можеби дури и најдобар голман на светот, кој изненадувачки одлично зборува англиски и мислам дека склучивме одличен договор“, рече Клоп.

Алисон не го памети Ливерпул по добро, бидејќи токму Бразилецот го бранеше голот на Рома, кога „Црвените“ ја прегазија „Волчицата“ со 5:2 во полуфиналето од Лигата на шампионите.

„Видов како играат и видов како навивачите живеат за тој клуб, а тоа сигурно влијаеше на мојата одлука. Сакав да бидам дел од тој состав“, рече кратко Алисон.

Коментирај