Здравје

ПМС: Вистински проблем или медиумска лага?

17. ноември 2017 - 10:50 | А.С.

Повеќето жени во одреден период се соочуваат со ПМС или предменструален синдром. Ова е општоприфатено мислење, но британскиот психолог Робин Штајн Делука смета дека идејата за ПСМ е лага што медиумите им ја сервираат на модерните жени.

Жените кои патат од ПМС се соочуваат со промени на расположение, надуеност, болка во градите и абдоменот, како и намалено либидо, а според податоците на британската Национална здравствена служба, симптомите кај една од 20 жени се толку тешки што го отежнуваат или спречуваат обавувањето на секојдневните активности.

Штајн Делука смета дека станува збор за мит и дека ПМС е всушност проблем на модерните жени кои не се во состојба да ги контролираат сопствените животи.

Таа смета дека жените поверувале во лагите што секојдневно им се пласираат во книги и списанија и што им ги сервира медицинската заедница.

„Со тек на време сме ја прифатиле таа идеја дека нешто не е во ред со нашите тела, а најверојатно само сме преоптеретени“, вели Штајн Делука и додава дека „боледувањето“ од ПМС е нешто како изговор за жените за да се извлечат од обврски.

Според неа, симптомите како грчеви, болки, надуеност и чувтството на потиштеност најверојатно укажуваат дека жената е преморена.

Во нејзината нова, провокативна книга „Митот за хормоните: Како шунд-науката, родовата политика и лагите за ПМС ги потиснуваат жените“, таа ги „разбива митовите“ во врска со дејството на женските хормони.

Иако признава дека хормоните може да предизвикаат непријатни симптоми, таа тврди дека не се толку тешки да ја попречат жената да прави што било и дека „секој понекогаш се чувствува така“.

Професорката Џојс Харпер од Универзитетскиот колеџ во Лондон остро ги негира тврдењата на Штајн Делука.

„Хормоните имаат големо влијание врз нашето расположение, тоа не е мит“, изјави таа за „Индепендент“.

„Околу 95% од жените поминуваат низ ПМС барем еднаш во животот. Никако не се сложувам со тоа дека станува збор за разгаленост на модерните жени. ПМС не е измислица“, заклучува таа.

Коментирај