Свет

Поранешна воена пилотка го приземји авионот со експлодиран мотор

18. април 2018 - 13:34 | А.С.

Жена пилот безбедно го спушти патничкиот авион на кој вчера претходно му експлодира левиот мотор. Таа претходно била воен пилот и стекнала големо искуство во Американската морнарица.

Авионот на американската авиокомпанија „Southwest Airlines“ на лет од Њујорк за Далас, Тексас принудно слета вчера на аеродромот во Филаделфија откако му експлодира левиот мотор, а распрсканите делови скршија прозорци и усмртија една патничка.

Откако експлодирал моторот, пилотката Теми Џо Шулц (56) морала вонредно да го приземји авионот Boeing 737-700 на меѓународниот аеродром во Филаделфија.

Шулц, една од првите жени пилоти во Американската морнарица, смирено се јавила на контролорите за воздушен сообраќај дека им паднал дел од авионот и дека на пистата послетувањето ќе им треба амбулантно возило.

Повеќето од вкупно 144 патниви ја пофалија Шулц на социјалните мрежи за нејзината навремена и смирена реакција, а авиокомпанијата соопшти дека екипажот на лет направил сѐ согласно обуката за вонредни ситуации.

На сајтот F-16.net се појавија податоци за Шулц што укажуваат дека таа сакала кариера во авијација уште кога била средношколка, но била одбиена со објаснување дека не примаат жени.

Студирала медицина, но не ја изгубила желбата за летање, па се пријавила како регрут во Воздухопловните сили на Американската морнарица.

Таа е првата жена која пилотирала со авион F-18 и станала инструктор пред да ја напушти Морнарицата во 1993 година и почнала да работи како пилот на „Southwest Airlines“.

Коментирај