Мобилни

Познати се боите и спецификациите за новиот Samsung Galaxy S9

20. февруари 2018 - 20:35 | К.З.

Новиот Samsung Galaxy S9 ќе биде промовиран во недела, на Mobile World Congress кој се одржува во Барселона, но нестрпливите љубители на смартфоните на оваа компанија се потрудија да најдат податоци за уредот само неколку дена пред неговото официјално претставување.

Како и обично, прв до информациите стигна инсајдерот Еван Блас, кој сподели неколку слики од телефонот кои ги покажуваат достапните бои во кои тој ќе биде претставен на пазарот.

Иако претходно беше најавено дека телефонот ќе има поголеми измени во изгледот, сепак тој на сликите изгледа многу слично на неговиот претходник, Galaxy S8. Новиот уред ќе има 5,8 инчен екран со резолуција од 2.960 х 1.440, 4 GB RAM, 64 GB внатрешна меморија и 12 мегапикселна камера која ќе може да снима видео како забавена снимка.

Samsung Galaxy S9 ќе биде претставен заедно со уште еден, малку поголем модел, Galaxy S9+. Двата телефони нема многу да се разликуваат, но S9+ ќе има 6,2 инчен екран и 6 GB RAM и двојна камера на задниот дел, секоја по 12 мегапиксели.

Сликите кои ги сподели Еван Блас на неговиот Twitter профил покажуваат дека новите уреди на Samsung ќе бидат достапни во четири бои: Полноќна црна, Лилак виолетова, Корал сина и Титаниум сива. Сепак, последната од овие бои нема да биде достапна во Европа.

И двата уреди ќе поседуваат Android 8.0 оперативен систем, а ќе имаат и скенер за зеницата од окото и сензор за отпечатоци од прст.

Коментирај