Фудбал

ПСЖ му понуди двегодишен договор на Буфон

18. мај 2018 - 8:44 | М.Д.

Според пишувањата на медиумите во Франција, новиот шампион во Лига 1, Париз Сен Жермен, му понуди двегодишен договор на легендарниот италијански голман и чувар на мрежата на Јувентус Џанлуиџи Буфон.

Буфон вчера објави дека дефинитивно ќе го напушти Јувентус на крајот од актуелната сезона, но се уште не се изјасни дали тоа ќе значи и крај на неговата кариера.

На конференцијата за медиуми, на која вчера и го најави заминувањето од редовите на „Старата дама“, 40-годишниот Буфон призна дека се уште го привлекува вниманието на другите клубови и покрај својата возраст.

„Добив неколку понуди и возбудливи предизвици, како на теренот, така и надвор од него“, призна Буфон.

„Тутоспорт“ уште од порано објави дека ПСЖ е опција за ветеранот, а сега и медиумите во Париз тврдат дека голманот е во контакт со парискиот клуб.

На Буфон наводно му е понуден двегодишен договор, бидејќи од управата на ПСЖ цврсто веруваат дека тој би можел да има позитивно влијание на останатите играчи.

„Ако ја продолжам кариерата, сакам голем предизвик“, изјави Буфон.

Францускиот клуб очајно сака да ја освои Лигата на шампионите, а на Буфон тоа досега никогаш не му успеа, па останува да видиме дали славниот ветеран ќе се обиде тоа да го направи во дресот на гигантот од Париз.

Коментирај