Кошарка

Работнички е новиот шампион на Македонија

26. мај 2018 - 9:06 | МИА

Скопје, 26 мај 2018 (МИА) - Работнички е новиот шампион на Македонија, откако и во третиот натпревар од финалната серија го совлада МЗТ Скопје со 87:84.

Работнички во првото полувреме не ја искористи предноста на домашниот терен во „Градски парк“ и МЗТ Скопје ја имаше иницијативата на теренот, што пак се одрази резултатски.

Гостите од Аеродром имаа водство во текот на првите две четвртини, која во еден момент достигна и 14 разлика (24: 38).

Иако на пауза резултатот беше 40:48 за МЗТ Скопје, сепак Работнички успеа да се консолидира и да се врати во игра. Домаќините на неколку наврати успеваа да намалат и изедначат, а потоа тимот на Марин Докузовски поведе и направи пресврт на натпреварот.

Последните неколку минути беа особено неизвесни и драматични, при што се играше за секој поен, но на крајот домаќините успеаа да победат со 87:84.

Кај Работнички најефикасни беа Чавдар Костов со 19 и Димитар Караџовски со 17 поени, а Андрија Бојиќ со 17 и Дамјан Стојановски со 16 поени беа најпрецизни кај МЗТ Скопје.

По шест години доминација на домашната кошаркарска сцена МЗТ Скопје му ја препушти шампионската титула на најтрофејниот македонски клуб Работнички.

Коментирај