Фудбал

Реал веќе најде замена за Роналдо?

13. јули 2018 - 11:18 | М.Д.

Зинедин Зидан го напушти Реал Мадрид, после уште една освоена титула во Лигата на шампионите, а по неговите стапки чекореше и најдобриот играч на светот, Кристијано Роналдо, кој својата кариера ќе ја продолжи во Јувентус.

Замената за Зидан набргу стигна - Жулен Лопотеги, но замена за Португалецот се уште се бара.

Судејќи според пишувањата на шпанските и англиските медиуми, Реал е подготвен наместо Роналдо да доведе двајца играчи.

Станува збор за квалитетни фудбалери. Најпрво се споменуваше дека првобитна желба е дуото од ПСЖ, Нејмар-Мбапе, но новиот тренер не се согласува со тоа.

Како што тврдат шпанските медиуми, тој му соопштил на претседателот Флорентино Перез, дека е заинтересиран за доведување на две големи ѕвезди од Премиер лигата.

Станува збор за Еден Азар, фудбалерот на Челзи, како и капитенот на Англија од редовите на Тотенхем, Хари Кејн.

Англичаните пишуваат дека шампионот на Европа е подготвен да им понуди на „Сините“ 170 милиони евра, за услугите на Еден Азар.

Белгискиот репрезентативец, кој прикажа одлични партии на Мундијалот во Русија, неколку пати јавно зборуваше за тоа како сонува да заигра за Реал, па сега желбата би можела да му биде исполнета уште ова лето.

Тој пред шест години пристигна во Челзи, додека пред тоа го носеше дресот на Лил.

Кејн е цврсто врзан со договор во Тотенхем до 2024 година. 

Во клубот од Лондон, Кејн игра од почетокот на професионалната кариера, односно од 2009 година, иако одеше и на позајмици во други клубови од Англија до сезоната 2013/14, од кога го зазема првото место во тимот.

Коментирај