Фудбал

Реал во Скопје доаѓа без Кристијано Роналдо

17. јули 2017 - 10:10 | Макфакс

Напаѓачот на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо, со голема веројатност нема да дојде со тимот во Скопје на натпреварот во Супер купот на УЕФА против Манчестер Јунајтед.

Marca објави дека тренерот Зинедин Зидан и најдобриот фудбалер се согласиле тој во време кога ќе се одигра Супер купот нема да има доволен број на тренинзи и дека најдобро ќе биде да остане во Мадрид.

Кристијано Роналдо се уште е на одмор по напорната сезона која ја заврши со настап на Купот на Конфедерации во Русија. Според Marca, тој оваа недела ќе се врати во Мадрид каде ќе треба да ги мине медицинските прегледи.

Потоа повторно ќе замина на одмор и кон крајот на месецот ќе му се приклучи на тимот. Тоа значи дека Кристијано Роналдо нема да игра за Реал ниту на контролниот меч против Барселона, на 30 јули, во Мајами, на Меѓународниот Куп на шампионите.

Извесно е дека 32-годишниот напаѓач ќе го пропушти и дуелот во Супер купот на УЕФА, во Скопје на 8 август, против Манчестер Јунајтед.

Португалецот првиот официјален меч за Реал ќе го одигра на 13 август, кога во Барселона, Реал ќе го одигра првиот натпревар во Супер купот на Шпанија. Реваншот ќе се одигра три дена подоцна во Мадрид.

Коментирај