Свет

Решена полициска мистерија 31 година подоцна - родители уапсени за свирепо убиство на ќерката

14. јуни 2018 - 18:41 | А.С.

Француската полиција уапси брачна двојка 31 година откако нивната ќерка беше најдена мртва, благодарение на нови ДНК докази што го оживеаја затворениот нерешен случај.

Осакатеното тело на неидентификуваното девојче беше најдено покрај автопатот А10 во централна Франција во 1987 година.

Родителите биле откриени откако ДНК примерок на нивниот син што бил тестиран за друг случај, се поклопил со ДНК примерокот на непознатото девојче, објавија француските медиуми.

Родителите се уапсени и се соочуваат со обвиненија за убиство со умисла.

Сопружниците не беа идентификувани, а локалните медиуми објавија дека сега имаат по 60-тина години.

Телото на девојчето беше најдено покрај ендек на автопатот А10 во близина на градот Блоа во август, 1987 година, облечено и завиткано во ќебе.

Се смета дека девојчето имало меѓу три и пет години кога било брутално убиено. Полицијата рече дека била висока 950 сантиметри, имала црна виткана коса и медитерански изглед.

Полицијата не успеа да ја идентификува и сите физички докази најдени на телото беа зачувани.

На телото на девојчето имало траги на долгогодишна злоупотреба и малтретирање, како траги од касање, скршени коски и изгореници со пегла. Делови од телото ѝ биле осакатени.

Одговорниот инспектор во Блоа тогаш рече дека ова е „практично случај на канибализам“.

Девојчето го доби името „Малата маченица од А10“ и бидејќи никој никогаш не го побара нејззиното тело и не беше пријавено нејзиното исчезнување, беше погребана во анонимен гроб.

Во 1987 година убиството ги поттикна најобемните истраги во историјата на Франција и фотографијата со ликот на девојчето беше објавувана на јавни места, а известувања беа испратени во 30 земји.

Полицијата посети 65.000 училишта на почетокот на школската година и беа интервјуирани 6.000 доктори и социјални работници во обид да се открие идентитетот на жртвата.

Случајот ја збунуваше полицијата со години и во 1997 година беше прогласен за нерешен.

Во 2008 година формално беше идентификувана нејзината ДНК, но повторно немаше успех во напорите за идентификување.

Случајот беше повторно отворен во 2012 година кога беше објавен повик за очевидци со фотографија од мртвото девојче и натпис: „Која е?“

Најголемиот напредок во решавање на случајот имаше во 2016 година кога беше уапсен маж во насилен инцидент. Неговата ДНК наводно го идентификуваше како брат на жртвата. По неколкумесечна истрага беа уапсени родителите на девојчето.

Коментирај