Фудбал

Роналдо: Салах е поинаков, не правете споредби меѓу нас

25. мај 2018 - 16:33 | МИА

Мадрид, 25 мај 2018 (МИА) – Фудбалерот на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо, пред финалето на Лигата на шампионите истакна дека не гледа потреба од споредбите со најдобриот играч на Ливерпул, Мохамед Салах, бидејќи и двајцата се посебни на свој начин.

-  Луѓето сакаат да ме споредуваат со други играчи. Јас сум поинаков од сите нив, како што е и Салах поинаков од другите. Тој игра со левата нога, јас со десната, јас сум повисок и затоа играм повеќе со глава, во целост сме поинакви, истакна Роналдо.

Салах имаше одлична прва сезона во Ливерпул, а настапи на 51 натпревар на кои постигна 44 голови. Роналдо беше стрелец на исто толку голови, но на осум натпревари помалку.

- Морам да забележам дека Салах имаше одлична сезона. Ќе видиме утре, овој натпревар ќе биде посебен. Сакам да играм во Лигата на шампионите и доколку го освојам трофејот за петти пат тоа ќе биде остварување на мојот сон. Сакам да останам фокусиран на натпреварот и да го освојам овој неверојатен трофеј, истакна фудбалерот на Реал.

Реал Мадрид утре во Киев во финалето на Лигата на шампионите ќе се соочи со Ливерпул, а воедно ќе се обиде да ја освои третата титула во низа.

Коментирај