Фудбал

Шпанија го отпушти селекторот Лопетеги еден ден пред Мундијалот

13. јуни 2018 - 12:36 | К.З.

Шпанската репрезентација влезе како еден од фаворитите на претстојното Светско првенство, но денешното отпуштање на селекторот Лопетеги се заканува дека ќе ја наруши хармонијата на составот и Шпанија би можела да доживее уште еден дебакл како оној од СП 2014.

Хулен Лопетеги беше отпуштен од селекторското место во шпанската репрезентација, откако се согласи да го преземе тимот на Реал Мадрид.

Оваа недела Лопетеги беше претставен како наследник на Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид, а тоа беше потег кој изненади многумина. Откако беше официјализирана оваа одлука, шпанската федерација реши да повлече потег поради тоа што Лопетеги без нивно знаење преговараше со мадридскиот клуб, па реши да го отпушти од селекторската позиција.

„Одлучивме да го отпуштиме селекторот на репрезентацијата. Тоа што стигнавме тука е и негова заслуга, па затоа сакаме да му се заблагодариме и да му посакаме среќа за во иднина“, рече Луис Рубиалес, претседателот на шпанската фудбалска федерација.

Рубиалес рече дека нема да го осудува потегот на Реал Мадрид, туку само е изненаден од нивната постапка. Тој рече дека е нормално тоа што Реал Мадрид го бараат најдобриот тренер за нивниот состав, но дека требало да постапат со повеќе класа, како што му одговара на еден тим од тој размер.

Лопетеги не беше поразен ниту еднаш за време на неговиот ангажман на националнатаа клупа, забележувајќи 14 победи и 6 нерешени резултати. Тој потпиша договор со шпанската репрезентација кој требаше да го држи на селекторската позиција до мај 2020 година, но тој реши да се договори со Реал Мадрид, по што неговиот договор веројатно ќе биде откупен од страна на мадридскиот тим.

Коментирај