Фудбал

Шпанските медиуми по скандалот во Русија: Најлошите 19 часа во историјата на репрезентацијата

14. јуни 2018 - 15:54 | К.З.

Шпанската репрезентација вчера го преживеа еден од најголемите скандали во историјата на Светските првенства. На само 48 часа пред почетокот на нивниот прв натпревар на Мундијалот, федерацијата го отпушти селекторот Лопетеги и на негово место го назначи Фернандо Јеро.

Хулен Лопетеги ја прифати понудата да биде нов тренер на Реал Мадрид, а бидејќи тоа го направи без да ја извести федерацијата, му беше врачен отказ.

Пред да си замине од селекторската клупа, Лопетеги ги собра играчите и им порача да го освојат Светското првенство. Веднаш потоа се упати кон Мадрид, за да се приклучи на Реал Мадрид и да го финализира договорот со актуелниот европски шампион.

Шпанските медиуми овој настан го нарекоа „Краснодарска криза“, а Marca напиша дека тоа се „најлошите 19 часа во историјата на шпанската репрезентација“.

Каталонските медиуми го поздравија потегот на претседателот на шпанската фудбалска федерација, Луис Рубиалес, кој направи храбра одлука да го отпушти Лопетеги иако Шпанија со него влегуваше како еден од фаворитите на ова СП.

„Не смеете да го направите тоа два-три дена пред почетокот на Светско првенство. Знам дека ќе ме критикува поради мојот потег, но тој е врвен тренер и заради тоа мојата одлука беше уште потешка. Сигурен сум дека овој потег со тек на време ќе нѐ направи уште посилни“, изјави Рубиалес, кој за одлуката на Лопетеги тврди дека дознал само 5 минути пред таа да биде официјализирана.

Фернандо Јеро, кого Marca го нарекува „Железната рака“, во моментов ја подготвува репрезентацијата за натпреварот против Португалија кој ќе се одигра во петок. Во групата заедно со Шпанија и Португалија се уште Мароко и Иран.

Коментирај