Фудбал

СП 2018: Дали Санчез со живот ќе го плати црвениот картон?

19. јуни 2018 - 16:14 | Кирил Зарински

Карлос Санчез беше трагичарот на Колумбија во натпреварот против Јапонија во рамките на групата Х од СП 2018. Во натпревар каде се очекуваше лесна победа за Колумбија, тој доби црвен картон уште во третата минута и ја направи потешка задачата за неговите соиграчи.

Се надеваме дека Санчез нема да ја има истата судбина како Андрес Ескобар, последниот трагичар на Колумбија од Светските првенства.

Пред СП 1994, животот на Андрес Ескобар беше одличен. Тој беше еден од најдобрите играчи во репрезентацијата и само неколку недели пред СП направи трансфер во европскиот великан Милан, тогашен освојувач на Лигата на шампионите. Репрезентацијата на Колумбија влезе како фаворит за поминување на групната фаза, а групата составена од САД, Романија и Швајцарија им одеше во прилог. Целата фудбалска јавност очекуваше колумбиската репрезентација составена од Карлос Валдерама, Фаустино Асприља и Фреди Ринкон да биде на првото место во групата.

Сметките беа поматени уште во првиот натпревар, кога Колумбија загуби од изненадувањето на ова првенство, Романија, со 3:1. Тоа значеше дека влогот е уште поголем во натпреварот против САД, каде само победа го оставаше колумбискиот состав во игра за продолжување во нокаут-фазата.

Се одиграа повеќе од 30 минути од натпреварот, а американскиот фудбалер Џон Харкес од левата страна центрираше кон шеснаесетникот, при што Андрес Ескобар со лизгачки старт тргна по топката и ѝ го смени правецот, па таа заврши во голот. Иако фаворити, Колумбијците беа шокирани од овој гол и до крајот на натпреварот примија уште еден гол, пред Адолфо Валенсија да намали на 2:1 во 90 минута. Колумбијците победија во последниот натпревар, но попусто, бидејќи сепак мораа да си заминат дома со три бода и елиминација од групната фаза.

По завршувањето на СП 1994, Ескобар реши да си отиде директно дома во Колумбија, наместо да ги посети неговите роднини во Лас Вегас, Невада. Само пет дена по елиминацијата на Колумбија од првенството, тој отишол во ноќен клуб во Меделин, Колумбија. Утрото кога си заминувал оттаму, тројца луѓе го пресретнале на паркингот и почнале да се расправаат со него, заканувајќи му се поради автоголот кој си го даде против САД. Двајца од нив извадиле пиштол а едниот испукал шест куршуми во Ескобар, извикувајќи „Гол!“ по секој истрел, имитирајќи го американскиот коментатор кој шест пати викнал „Гол!“ за време на преносот од натпреварот. Андрес Ескобар бил пренесен во болница, каде починал 45 минути подоцна.

На погребот на Ескобар присуствуваа преку 120.000 луѓе, а неговиот убиец беше осуден на 43 години затвор.

Колумбиската репрезентација го изгуби првиот натпревар од СП 2018 со 2:1. По црвениот картон на Карлос Санчез, Шинџи Кагава реализираше од белата точка а до крајот на натпреварот Јуја Осако ја потврди победата на Јапонија. Единствениот гол за Колумбија го постигна Квинтеро од слободен удар.

Коментирај