Фудбал

СП 2018: Нејмар го напушти тренинг-центарот на Бразил со нова повреда

19. јуни 2018 - 17:51 | К.З.

Бразилската ѕвезда Нејмар по само 10 минути тренирање се пожали на нова повреда и го напушти тренинг-центарот на репрезентацијата. Тој беше фаулиран 10 пати во натпреварот против Швајцарија од првото коло од групната фаза.

Нејмар изгледаше загрижено додека го напушташе тренингот на бразилската репрезентација заедно со докторската екипа и сега неговиот настап против Костарика е ставен под знак прашалник.

Пред Бразил е одлучувачки натпревар против Костарика, кој е закажан за овој петок од 14:00 часот, а во кој бразилската репрезентација мора да победи за да ги одржи шансите за пласман во следната фаза од натпреварувањето.

Нејмар беше фаулиран 10 пати во претходниот натпревар со репрезентацијата, што е најголемиот број фаули кои еден играч ги претрпе во текот на ова првенство. Засега не е позната должината на повредата и дали воопшто тој ќе може да го продолжи настапот на Мундијалот, но во случај на потешкотии при опоравувањето, бразилските фанови со сигурност ќе го истурат бесот кон швајцарските фудбалери.

Бразилецот допатува на ова СП недоволно подготвен бидејќи оздравуваше од повредата со која се здоби во февруари оваа година, додека играше за ПСЖ.

Коментирај