Македонија

Тетово во чад, гори депонија кај силосите за жито

19. август 2017 - 17:30 | Макфакс/Кајгана

Попладнево почна да гори депонија во близина на силосите за жито на „Жито Полог“ во Тетово, а чадот се гледа уште од првата патарина на автопатот Скопје-Тетово. Градоначалничката Теута Арифи изјави дека сите капацитети се на терен за да се справат со огнената стихија и чадот кој штетно влијае на здравјето на граѓаните.

„Побаравме одма од полицијата да направи истрага, а ги ангажиравме сите капацитети за да се справат со оваа ситуација. Тие за еден час ќе ме известат дали пожарот ќе може да биде ставен под контрола само со нашите капацитети или ќе треба да побараме помош. Не сакам да верувам дека ова подметнат пожар, бидејќи никој не сака да го нарушува здравјето на своите граѓани“, вели Арифи.

Градоначалничката на Тетово, додава дека тие редовно патролирале и правеле увид на состојбата за време на летото и високите температури, со цел да не дојде до вакви ситуации. Владата од буџетот издвои средства за расчистување на депонијата, но Арифи сѐ уште не знае кога ќе се случи тоа.

Тетово во 2015 беше на врвот од листата на „Гардијан“ како најзагаден град во светот.

Коментирај