Фудбал

Томас Лемар е нов играч на Атлетико Мадрид

13. јуни 2018 - 8:38 | М.Д.

Репрезентативецот на Франција, Томас Лемар, во наредните денови ќе го напушти Монако и од следната сезона ќе го носи дресот на Атлетико Мадрид.

Монако на последниот ден од минатогодишниот летен трансфер период одби понуда од Арсенал во вредност од 100 милиони евра, а една година потоа овој клуб прифати 65 милиони евра од Атлетико и овој играч од средината на теренот ќе го напушти клубот.

Иако трансферот се уште не е официјално потврден, Монако на својата официјална Twitter страница објави дека е постигнат договор помеѓу двете страни, а останува уште да се договорат конечните детали за трансферот.

Лемар во Монако пристигна од Каен, а во дресот на овој клуб одигра 87 натпревари и постигна 16 погодоци.

Лемар беше член на една одлична генерација на Монако, која пред две години стигна до полуфиналето од Лигата на шампионите, а во дресот на француската репрезентација досега запиша 12 настапи.

Овој играч од средината на теренот ги помина сите младински селекции на Франција, а потоа со добрите игри си го заслужи повикот на Светското првенство, после кое и официјално ќе го засили Атлетико Мадрид.

Коментирај