Филм & ТВ

Творецот на Спајдермен Стен Ли бара милијарда долари поради кражба на идентитет

18. мај 2018 - 9:12 | М.Д.

„Таткото“ на многу суперхерои тврди дека издавачот го измамил и сега тој бара милијарда долари отштета.

Стен Ли ја тужеше издавачката куќа „Paul!“ чиј е коосновач, поради измама и бара милијарда долари отштета.

Легендата на стриповите тврди дека бил измамен да склучи неповолен договор, додека тој бил и психички и физички во лоша состојба.

Ли, кој има 95 години, со тој договор им ги дава сите свои авторски права на издавачката куќа „ Paul!“. Од оваа куќа соопштија дека Ли бил „сосема свесен“ кога го потпишал договорот.

„Обвиненијата на Ли се потполно неосновани“, изјави претставникот на компанијата за „Холивуд Репортер“.

„Тврдењата дека тој не ни ги пренел сите ексклузивни права на своите трудови на нас, како и идентитетот, се толку изненадувачки, што мораме да се запрашаме дали господинот Ли лично стои зад овие обвиненија. Имаме докази и со нетрпение го чекаме судењето“, порачаа од оваа компанија.

Од „Paul!“ уште од порано изразија „загриженост“ поради  здравствената состојба на Стен Ли.

Во неговото обвинение стои дека директорот на издавачката куќа Шејн Дафи  подготвил заговор да го измами, односно да му го украде идентитетот и да ја продаде издавачката куќа „Paul!“ на една друга кинеска компанија.

Ли во обвинението вели дека не се сеќава дека му го прочитале договорот за продажба и дека тој го потпишал.

Останува да се почека судењето и исходот од овие обвиненија на легендарниот Стен Ли.

Коментирај