Вести

Училиште во Кина со технологија за препознавање на лица открива дали учениците ја следат наставата

17. мај 2018 - 20:00 | М.Д.

Едно училиште во Кина започна да ја користи технологијата за препознавање на лица, чија задача е да ги следи учениците и да открие дали ја следат наставата.

Три камери се поставени над таблата во едно училиште во источниот дел на Кина, а системот може да препознае седум различни експресии на лицето, како неутрална, среќна, тажна, разочарана, лута и изненадена експресија.

На тој начин може и да заклучи дали ученикот е фокусиран на наставата.

Ако тоа не е случај, системот ќе го извести професорот.

Засега овој систем е присутен само во една училница, но до лето технологијата за препознавање на лица ќе функционира во целото училиште.

„Порано бев мрзелив, спиев или читав други книги за време на часовите кои не ги сакав, но сега веќе не се осмелувам да го правам тоа, откако се поставени камери во училницата. Се чувствувам како константно да ме гледаат некои мистериозни очи“, вели еден од учениците.

Овој потег на училиштето наиде и на критики, но директорот верува дека технологијата ќе ги крене образовните стандарди.

„Тоа е исто како професорите да имаат асистенти, така што технологијата може само да го зголеми квалитетот на учење и предавање. Некои рекоа дека со ова се нарушува приватноста на учениците, но, камерите само ги следат нивните движења, а не ги снимаат активностите во училницата“, вели директорот на училиштето.

Коментирај