Свет

Владимир Путин: Од случаен претседател до бранител на нацијата

20. март 2018 - 13:35 | А.С.

На 31 декември, 1999 година тогашниот претседател на Русија Борис Јелцин соопшти дека се повлекува од функцијата и го назначи за свој наследник тогашниот премиер Владимир Путин, поранешен агент на КГБ и шеф на Федералната служба за безбедност.

Новинарката Џил Доерти за CNN направи ретроспектива на претседателската кариера на Путин, присетувајќи се дека прв пат го сретнала лице в лице во март, 2000 година, кога само што ја извојувал првата победа на претседателски избори и дошол во изборниот штаб на прес-конференција.

Путин, кој тогаш имал 47 години, бил нов во високите политички кругови и така и изгледал: облечен неформално во сив џемпер, со слабичко и сериозно лице.

„Не ни помислував дека некогаш ќе учествувам во претседателски избори“, рекол Путин со доза презир во гласот. „Сметав дека е крајно неморално да се расфрлаш со ветувања, знаејќи дека одредени ветувања не може да се одржат.“

Тоа беше класичен „Путин коментар“ иако не бев свесна за тоа тогаш, вели Доерти и додава дека тој делувал како антикандидатот мотивиран, навидум, само од желбата да ги извлече Русите од сиромаштија.

„Луѓето се уморни, животот е тежок, очекуваат подобрување од мене. Но секако, чуда не се случуваат“, рекол Путин уморно.

Една деценија подоцна, Русите живееја подобро, благодарение на економските реформи и вивнувањето на цените на нафтата што ги наполни џебовите на земјата.

Но, имаше уште една страна на тој Владимир Путин во раните денови, вели Доерти. Русија тогаш беше во војна со чеченските бунтовници и како предизборен трик, на помалку од една недела пред изборите во 2000 година, Путин влезе во пилотската кабина на борбен авион „SU-27“ и одлета до главниот град на Чеченија, Грозни. Се сретна со припаници на неговите вооружени сили и вети дека ќе ги уништи бунтовниците.

Имиџот на опасен тип „запали“, вели Доерти. Тоа беше улога што само стануваше посилна и помоќна од година во година.

Во неделата, 18 години подоцна, ноќта по изборите, 65-годишниот Путин се качи на сцената на Црвениот плоштад во Москва каде се славеше четиригодишнината од анексирањето на Крим.

Позаоблен во лицето, со некоја брчка околу очите, тој пргаво се проби до сцената облечен во парка јакна со крзно и се заблагодари за изборната победа за која рече дека е „признание за сѐ што направивме во изминатите години, под многу тешки околности“.

Денес, Владимир Путин не може да им вети на Русите подобра економска иднина – санкциите од Западот и ниските цени на нафтата се погрижија за тоа.

Наместо тоа, тој им нуди членство во еден вид национален тим, обединет во надминувањето на сите пречки до победата.

„Главната закана и наш најголем непријател е фактот дека заостануваме“, предупреди тој во неговото обраќање пред Парламентот на 19 март.

„Мора да ја земеме судбината во свои раце.“

Рускиот претседател не прецизираше како ќе го направи тоа, ниту пак што точно значи тоа. Нема детална економска програма за мандатот што согласно рускиот Устав ќе му биде последен.

За многу негови симпатизери, стопанството не е она што го дефинира Владимир Путин. Тоа е неговата улога на „Бранител на нацијата“. Чеченија се смири одамна. Денес непријателот е Западот: САД, Велика Британија и Европа како целина.

Како конкретен пример за тоа Доерти го наведува фактот дека Путин вметна презентација на новото нуклеарно оружје во неговиот говор пред Парламентот.

Додека во позадина одеше добро составено видео, Путин зборуваше за „целосно нов тип на оружје што Америка не може да го победи.“

Русија сега е „Тврдината Русија“ и Путин е нејзиниот бранител, имиџ што го зацементираа државните медиуми во земјата и што го поддржуваат дел од руските гласачи кои „мудруваат“ дека Западот полн со „русофобија“ ги навредува и напаѓа, вели Доерти.

Во 2018 година на Путин му треба надворешен непријател и барем засега, новоизбраниот претседател го има тоа.

Коментирај