Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Законот за двојазичност е неуставен и креира поделби

21. ноември 2017 - 9:41 | Kајгана/Макфакс

Законот за двојазичност е неуставен и креира поделби во Република Македонија, и истиот не е во согласност со итните реформски приоритети, сметаат од опозицијата.

Во соопштение упатено до јавноста, оттаму тврдат дека Владата наместо да се насочи кон изнаоѓање решенија за реалните потреби на граѓаните се зафатила со креирање на нови поделби помеѓу граѓаните.

„Двојазичноста на целата територија која ја планира СДС го девалвира македонскиот јазик и неговата употреба, кој од официјален јазик, станува само еден од двата службени јазик на територијата на државата, иако него го говорат над 2/3 од населението. СДС спротивно на уставот и европските вредности спроведува целосна двојазичност. Двојазични ќе станат сите централни институции, судовите, обвинителствата, нотарите и извршителите во цела држава, сето тоа на крај ќе го платат македонските даночни обврзници, пари кои наместо во нови инвестиции, патишта, училишта, болници, градинки и други инфраструктурни објекти ќе завршат во спроведување на двојазичноста која нема да му помогне никому да овозможи подобри услови на своето семејство, подобро школување на своите деца и шанси за напредок и успех во животот, туку ќе ги зголеми ѕидовите помеѓу граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, двојазичноста не ја приближува државата кон ЕУ и НАТО, туку ја оддалечува и ја враќа назад во минатото кон нови поделби. Тие додаваат дека воведувањето на двојазичност освен што не носи реална корист за граѓаните, ќе им направи и дополнителен трошок, при што за оваа цел би биле издвоени скоро 9 милиони денари.

„Владата предвидува и ригорозни казни за сите кои нема да ја почитуваат двојазичноста, па така глоби до 5.000 евра ќе плаќаат институциите и одговорните лица во нив, кои ќе ја прекршат двојазичноста. За спроведување на казнената политика ќе се формира Инспекторат, чие формирање со првичниот Буџет државата ќе ја чини над 7 милиони денари, пари на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Коментирај