Македонија

Заев и Ципрас разгледуваа можна опција за името

18. мај 2018 - 8:20 | МИА

Софија, 18 мај 2018 (МИА) - Европската унија вчера им даде ново ветување за членство на своите партнери од Западен Балкан, но без најпосакувана награда - датум на пристапување, а средбата на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас беше настан кој го побуди интересот на повеќето медиуми во Софија и за прашањето за името говореа повеќето високи претставници на ЕУ со надеж дека конечно ќе се стави крај на спорот,  јави известувачот на МИА од Софија.

Самитот ЕУ-Западен Балкан, што се одржа вчера во организација на бугарското претседателство во Софија внесе нова енергија во односите меѓу ЕУ и регионот, 15 години по состанокот во сличен формат, кој се одржа во Солун. Сепак, фокусот не беше на проширувањето, туку на поврзувањето, со цел да се подобри транспортот и дигиталната инфраструктура на регионот и да се олесни соработката.

На маргините на Самитот се одржа средбата Заев-Ципрас, втора тет-а-тет средба по обновувањето на преговорите за решавање на спорот за името, а со која се афирмира досега постигнатото, но конечно решение се уште не е најдено.

Премиерите на Македонија и Грција разгледувале можни опции за креативни решенија, а како што информира Заев на прес-конференцијата во Софија една од нив била најприфатлива за двете страни.

- Заедно со премиерот Ципрас разгледавме можни опции за креативни решенија, кои македонската страна ги презентираше во последната фаза од преговорите. Следуваат консултации во двете земји, со релевантните политички фактори, рече Заев.

Заев нагласи дека доколку е можно практично спроведување на тоа решение, тогаш всушност „имаме решение“. Премиерот не прецизираше за какво решение станува збор, ниту директно одговори дали на средбата станало збор за промена на македонскиот Устав.

Македонија се надева дека решение за името ќе се најде пред јунскиот Самит на ЕУ, како и пред јулскиот Самит на НАТО, а Заев посочи дека се надева оти тоа ќе се случи, а во крајна линија доколку не се случи тогаш двете страни ќе продолжат да го бараат.

 

Ципрас, на прес-конференцијата, што ја одржа на маргините на Самитот, беше повздржан во оценките за тоа дали на повидок е договор меѓу двете земји.

Тој рече дека се разговарало за повеќе опции и оти најповолна опција е онаа која ќе ги опфати сите прашања. Напомена дека во моментов на потег е Заев и додаде дека властите во грчкиот северен сосед имаат многу повеќе да сработат во таа насока.

- Верувам дека имаме поминато голем дел од патот, но има уште да се помине, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на прес конференцијата во Софија и додаде дека се уште не сме во позиција да говориме за договор.

- Ги разгледуваме чекор по чекор сите детали. Не сме, се уште не сме во позиција да говориме за договор. Ќе постојат и следни чекори, со цел ако е можно повторно да се сретнеме на почетокот на следниот месец, рече Ципрас.

За средбата Заев-Ципрас интерес покажаа и европските лидери. За оваа тема Заев разговарал со претседателот на Франција Емануел Макрон и со канцеларката на Германија, Ангела Меркел.

- Тие го препознаваат лидерството кое го демонстрира Македонија и даваат поддршка за да се јакнат врските меѓу нас и ЕУ, рече Заев.

Макрон и Меркел, но и премиерот на Холандија Марк Руте, премиерот на Австрија Себастијан Курц, премиерите на Шведска и Естонија Стефан Лофвен и Јури Ратас, со кои исто така имаше билатерални средби ја даваат безрезервно својата поддршка и признание за постигнатото, како и охрабрување земјата да опстоиме на европската агенда.

- Нивните пораки се потврда за нашите перспективи. Тоа значи дека членството на Македонија во ЕУ гарантира силни институции и правна држава. Членството во европското семејство за Македонија значи и забрзан економски развој, зголемена мобилност, поврзување и еднакви шанси за младите од Македонија со нивните европски врсници, истакна Заев.

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан изрази оптимизам дека Македонија и Грција ќе го решат спорот за името. Но, тој не сакаше да дава прогнози за евентуалната временска рамка.

- Секогаш сум оптимист.  И ќе останам оптимист. Двајцата премиери се на добар пат, рече Хан, коментирајќи ја средбата меѓу премиерите.

Во врска со можноста решението да се изнајде до јунскиот самит на ЕУ тој рече дека дотогаш има еден месец и оти се е можно.

За средбата и името говореше и канцеларката Меркел. Таа на завршната прес-конференција на Самитот потврди дека Македонија и Грција постигнале напредок во решавање на името и додаде дека за тоа добила потврда и од Заев и од Ципрас.

 

- Разговорите меѓу Македонија и Грција напредуваат добро и постигнат е значителен напредок. Прашањето за Македонија е мошне важно, рече германската канцеларка.

Опсегот на употреба и измените на македонскиот Устав остануваат спорните прашања. Грчката страна инстистира на ерга омнес и промена на Уставот, а тоа денеска уште една го повтори грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Промена на Уставот е предуслов  за решение, но и обврска кон владеењето на правото, затоа што Меѓународен договор без уставни измени носи и одговорност за премиерот на соседната земја, смета Павлопулос.

Лидерот на грчката опозициска Нова демократија, Кирјакос Мицотакис кој престојуваше во Софија на Самитот на европските народни партии истакна дека комплетно решение со ерга омнес и уставна промена, се предусловите за договор меѓу двете земји.

 

Лидерите на Европска унија и земјите членки на ЕУ, во консултација со партнерите од Западен Балкан во Софија усвоија Декларација во 17 точки, со кои е повторена недвосмислената поддршка за европската перспектива на регионот, а исто така се наведени и задачите и принципите што треба да бидат исполнети за време на процесот на евроинтеграција.

Усвоен е и Анкес на декларацијата што се однесува на зајакнување на врските и соработката помеѓу ЕУ и Западен Балкан.

- ЕУ ја поздравува заедничката посветеност на партнерите од Западен Балкан на европските вредности и принципи и визија на силна, стабилна и обединета Европа поддржана со нашите историски, културни и географски врски и нашите взаемни политички, безбедносни и економски интереси, се наведува во првата точка на документот.

На Самитот Брисел претстави шест нови иницијативи кои би требало да помогнат во трансформација на регионот, негова подобра поврзаност и околу помирувањето.

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан најави нови поттикнувања за шестте земји на Западен Балкан кои се надеваат на натамошно приближување кон ЕУ.

Брисел планира финансирање на десетина нови проекти поделени во шест групи, а се со цел да се забрза трансформација на регионот, а шестте нови иницијативи се вредни повеќе од стотина милиони евра. Сите земји од регионот ќе добијат поттик во сегментот за јакнење на владеење на правото, вклучувајќи ја тука и цврстата контрола за спроведување реформи. Хан вели дека државата која би влегла во полноправно членство во 2025 година, мора да ги заврши преговорите најдоцна до 2023 година.

Премиерот Заев по прес-конференцијата што ја одржа во Софија замина за Скопје на средба со британската премиерка Тереза Меј, која од Софија замина за Македонија.

Меј на средбата во Владата на РМ истакна дека Британија дава целосна поддршка во решавањето на спорот за името, и порача дека договорот ќе има придобивки и за Македонија и за Грција.

- Само неколку месеци по парламентарните избори во Македонија дојде до големи промени. Владата подаде рака кон своите соседи и почна да се ангажира за решение на проблемот со името. Знам дека Македонија е посветена кон ова решение, а таквото решението ќе донесе чисти придобивки и за двете земји. Можете да сметате на целосната поддршка на Обединетото Кралство на овој пат, истакна Меј.

Заев со вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори Кочо Анѓушев денеска ќе учествува и ќе има свое обраќање на Виенскиот економски форум, кој ќе се одржи на маргините на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија.

Коментирај