Свет

Запознајте ги хероите кои ги спасија децата од пештерата во Тајланд

13. јули 2018 - 11:20 | А.С.

Група нуркачи од целиот свет ги спасија 12-те деца заглавени во пештерата Там Луанг и нивниот тренер, во соработка со тајландската морнарица.

Момчињата првично ги најдоа британски нуркачи, но акцијата имаше меѓународен карактер. Малку се знае за тоа точно кој и како учествуваше во спасувањето на годината, најмногу бидејќи повеќето од учесниците во мисијата не сакаат да разговараат за тоа. Еден од спасувачите, поранешниот маринец Саман Гунан, загина минатиот петок во напорите за спасување.

Се смета дека десетици тајландски и странски нуркачи учествуваа во акцијата за спасување, а ова се хероите за кои јавноста знае:

Тајландските маринци

Многу тајландски специјалци беа дел од спасувачкиот тим.

Меѓу нив и докторот Пак Лохарнсон и тројца неидентификувани нуркачи кои останаа во пештерата со децаа откако беа најдени минатата недела.

На видеото споделено на Facebook страницата на тајландската морнарица се гледа докторот како му пружа помош на едно од децата.

Четворица припадници на тајландската морнарица последни излегоа од пештерата во вторникот вечерта. Специјалците ги предводеше контраадмиралот Арпак Јуконгеав кој ги известуваше новинарите за напредокот на акцијата.

Џон Волантен и Ричард Стентон

Децата и нивниот тренер прво го слушнаа гласот на Британецот Џон Волантен, девет дена откако се заглавија во пештерата. Тајландските власти побараа помош од Волантен и двајца негови британски колеги, нуркачот Ричард Стентон и спелеологот Роберт Харпер. Тројцата стигнаа во Тајланд три дена откако исчезнаа децата.

Волантен, ИТ експерт, и Стентон, поранешен пожарникар, се членови на спасувачкиот тим за пештери во Велс.

Учествувале во бројни спасувачки акции ширум светот, меѓу кои во Норвешка, Франција и Мексико.

Ричард Харис

Доктор Харис од Аделаида, Австралија со децении се занимава со нуркање. Тој ги прегледа децата во пештерата и даде зелено светло да се почне со спасувачката акција.

Обидот за спасување со нуркање ќе беше премногу опасен ако децата не беа доволно силни.

Медиумите пишуваат дека Харис има учествувано во нуркачки акции во Австралија, Кина и Нов Зеланд. Анестезиолог по струка, тој исто така има специјализација за медицина во ризични ситуации и акции за наоѓање исчезнати лица.

 Во 2011 година тој го најде телото на неговиот пријател, нуркачот Агнес Миловко, на кого му снема кислород за време на исклучително тешка експедиција во јужна Австралија.

Се смета дека неговото учество во спасувачката акција во Тајланд било на инсистирање на британските нуркачи.

Саман Гунан

Подофицерот аман Гунан (38) беше пензиониран маринец на тајландката морнарица кој волонтираше во спасувањето на заглавените деца. Тој изгуби свест додека нуркаше кон излезот од пештерата Там Луанг, на враќање од носење боци со кислород на 6 јули.

Него од пештерата го извлече партнерот со кој нуркаше, но не успеаја да го реанимираат.

Неговата вдовица за BBC изјави: „Го прогласија за херој бидејќи тој тоа и беше. Сакаше да им помага на другите, да се занимава со хуманитарна работа и да го заврши она што го почнал.“

Бен Рејменантс

Белгиецот Бен Рејменантс е сопственик на нуркачка школа и се смета дека беше дел од групата што прва ги најде децата.

Клаус Расмусен

Данецот Клаус Расмусен со години живее во Тајланд каде работи во неколку нуркачки школи.

Моментално е инструктор во школата на Рејменантс. Има нуркано низ цела Азија.

Мико Паси

Финецот Мико Паси е основач на нуркачки центар на тајландскиот остров Кох Тао каде специјалност му е техничко нуркање.

Тоа значи дека е фокусиран на нуркање во потонати бродови и пештери.

Кога беа најдени децата и нивниот тренер на 2 јули, неговата сопруга на Facebook објави дека му купила карта за оди воо Чијанг Раи и да се придружи на спасувачката мисија. Истиот ден ја прославиле осмата годишнина од брак.

Иван Караџиќ

Иван Караџиќ, Данец со српско потекло, се преселил на Кох Тао пред неколку години. Заедно со Паси управуваат со нуркачкиот центар.

Во неговата изјава за BBC го опиша стравот што го почувствувал кога првпат го погледнал првото дете со нуркачот од далеку, незнаејќи дали е живо или не, а потоа и олеснувањето откако сфатил дека детето е спасено.

По смртта на Гунан, пред спасувањето на децата, тој на Facebook напиша: „Почивај во мир. Ти си наш херој и никогаш нема да ја заборавиме твојата жртва.“

Ерик Браун

Канаѓанецот Ерик Браун е инструктор за техничко нуркање во Ванкувер. Почнал да нурка пред повеќе од 10 години и е еден од основачите на школа за техничко нуркање во Египет.

Во вторникот вечерта, на неговиот Facebook профил напиша дека учествувал во седум нуркачки мисии во изминатите девет дена и дека поминал вкупно 63 часа во пештерата Там Луанг.

Коментирај