Љубов и секс

Знаци дека не сте веќе заљубени, иако се убедувате дека сте

5. јуни 2018 - 11:35 | А.С.

Кога ќе се заљубите во некого, последно нешто на памет ви е кога и како заљубеноста ќе престане. За жал, тоа не значи дека до тоа нема да дојде. Некои врски имаат рок на траење и љубовта е процес што ако не еволуира, згаснува, некогаш кај едниот, некогаш кај двајцата партнери.

Иако правите сѐ за да ја одржите врската, бидејќи немате конкретни проблеми, имате спомени и личноста ви е уште драга, ако љубовта ја нема повеќе, време е да се соочите со реалноста.

Ова се знаци дека веќе не сте заљубени во партнерот и врската не оди никаде.

Не ви пречи ако не контактирате со партнерот

Кога сте во здрава врска, комуникацијата со партнерот е нешто што го очекувате и сакате. Ако сте дошле до фаза во која ви е сеедно што нема комуникација, веќе не сте така заљубени како што си мислите.

Постојано се жалите на партнерот

Сосема е нормално одвреме-навреме да се пожалите на пријателите за нешто што ви се случува со партнерот, но ако жалењето се зачестило и поплаките се единственото нешто што имате да го споделите, нешто не функционира во врската.

Не уживате во друштво на партнерот

Ако сте заљубени во некого, сакате постојано да бидете со таа личност. Нормално е со тек на време интензитетот да се намали, но ако времето поминато со него почнува да ве гуши, да ви е здодевно или не знаете што да правите на само со него и ви треба повеќе простор, тогаш имате проблем.

Ве нервира сѐ што прави

Секоја двојка има свои добри и лоши денови. Има и некои манири кај партнерот што не ви се омилени, но кога некого сакате го прифаќате со сите негови „маани“. Кога ќе почне да ве нервира сѐ што прави и да го критикувате за работи за кои инаку не би реагирале кога би ги направил некој друг, треба да се прашате дали тоа доаѓа од вашето незадоволство од врската и дали веќе немате љубов која ќе ги надмине овие „маани“.

Чувствувате олеснување кога партнерот не сака да дојде со вас на некој настан

На сите ни се има случено да не сме во можност да го придружуваме партнерот на некој настан (свадба, роденден, забава од работа) или да ни откаже состанок. Тогаш се чувствуваме разочарано и посакуваме да го видиме што е можно поскоро. Ако ви е сеедно дали ќе бидете заедно или не, вашата љубов веќе не е толку силна како порано.

Коментирај